Штипската хирургија има околу 80 годишна традиција.Таа традиција воглавно започнува со изградбата  на сегашната главна зграда на Болницата во далечната 1939 година.Тогаш за прв пат се создале вистински  услови  – просторни  и кадровски, соодветни за тој временски период  –   при што се извршувале интервенции карактеристични за тоа време. Сигурно и претходно се обавувале хируршки операции,посебно за време  на Балканските и Првата Светска Војна, за кои  нема званична евиденција, па од овде  започнувањето со работа на тогаш направената болница ,го сметам за почеток на хирургијата  во Штип.Од тогаш до денес голем број хирурзи и соодветен медицински и друг персонал работеле на одделението за хирургија во Штип, при што многу  пациенти се лекувале   и оперирале.

Како се менувала и усовршувала светската хирургија и анестезија така постепено тие методи на оперирање се воведувале и кај нас. Подобри услови за работа  очекуваме со завршување и пуштање во работа на зградата на новата клиничка болница.

Моите почетоци на хирургија во Штип се од 1986 година и јас би сакал да ставам акцент за начинот на работа за овој период до денес ,како и за доминантната патологија на хируршко лекување во нашата болница. Овој период може да се подели  на два дела:

Првиот период е до 2000-та  година кога се извршуваа класични операции и периодот после тоа  со пристигнувањето на јапонската помош ,кога се воведува лапароскопска хирургија ,односно хирургија каде со инструменти без рез  низ соодветни отвори се прави операцијата.Некако во исто време се воведе и реконструирањето на килите да се прави со полипропиленска мрежа.Во тоа време се одвои службата за ортопедија, а после десетина години се одвои и службата за урологија.Сега во склоп на штипската хирургија работат одделите за неврохирургија,максилофацијална хирургија,торакална хирургија и пластична хирургија .За сите овие децении  патологијата варира во нијанси, додека се менува начинот на оперирање соодветно на светските достигнувања.

Најчести се планираните  операции како што е операцијата  отстранување на заболено жолчно кесе од каменчиња и операции на поправка на разни видови на кили.Нивниот број е од 200 до 300 годишно.Исто така од  150 до 200 случаи се итните операции  од кој најчести се: отстранување на слепо црево поради воспаление, операции поради прснат чир на желудник и дванаесетпалачно црево, операциии поради различни состојби на заболувања на тенкото и дебелото црево,операции поради крварење предизвикани  поради повреди најчесто настанати од сообракајни незгоди.Во неколку  десетици случаи  се бројат операциите  поради некоја малигна болест , најчесто на дебелото црево ,  желудникот и дојката.За сите овие децении на одделението за хирургија во Штип се оперираат околу 900 до 1000 пациенти годишно , а конзервативно т.е без операција се лекуваат уште околу 200 до 300 пациенти.Тоа се случаи кои се примени за време на дежурство поради болка и повраќање,при што после дадена соодветна терапија и направени испитувања се констатира дека состојбата се смирува и во моментот нема потреба  од операција или треба одложено да се направи.Тука исто спаѓаат и пациентите примени поради некоја повреда, за кои после направените испитувања се констатира дека нема потреба од оперативно лекување.

Во последната деценија има тенденција на опаѓање на операции  на улкус (чир ) на желудникот  поради подобрите лекови и поквалитетната исхрана и помалку операции на ехинококова циста (кучешка тенија) на црниот дроб, поради подобрите хигиенски навики.За намалување на бројот на овие операции  сигурно се заслужни и новите и подобри дијагностички процедури.

На повисоко ниво на  здравствена заштита  се праќаат многу малку случаи, по неколку месечно.Сепак  точниот број на лекувани болни од источниот регион низ соодветните хируршки установи во Скопје е варијабилен затоа што одреден број на пациенти заминуваат на лекување во Скопје дирекно преку матичните лекари.

Треба да споменеме  дека се вршат по неколку илјади мали интервенции во локална анестезија,а тоа се разни сутури поради повреди, инцизии поради воспаленија, отстранување на мали бенигни формации и друго.

Штипската хирургија е високо безбедна хирургија со незначителен број на компликации што се вклопува во светската хирургија на средно развиени и развиени земји.Таа сигурност е создадена низ долгогодишната традиција и признатост на  лекарите  хирурзи, при што пациентите од регионот и пошироко ја укажуваат довербата за лекување.