Јавна високо-образовна установа Универзитет “Гоце Делчев” – Штип, Република Македонија
Факултет за медицински науки
Ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201,
2000 Штип, Република Македонија
Т: 00389 (0)32 550 830 – Универзитет “Гоце Делчев” – Штип, Инфо Центар
Т: 00389 (0)32 550 323 – Факултет за медицински науки
Т: 00389 (0)32 390 700
Е: [email protected]
www.ugd.edu.mk
Факултетот за медицински науки е најголемиот факултет во состав на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип со повеќе од 3200 студенти во својот состав, моментално е втор најголем факултет во Македонија. Формиран во 2007 година како Висока Здравствена Школа, во 2008 година е трансформиран во Факултет за медицински науки. Во 2009 година, на Факултетот за медицински науки веќе се акредитирани три академски студиски програми (Општа медицина, Дентална Медицина и Фармација) и 6 студиски програми за стручни студии (Акушерки, Медицински сестри, Физиотерапевти, Оптометристи, Забни техничари и Медицински лаборанти). Покрај студиските програми за втор циклус на студии (вкупно 12 специјалистички акредитирани програми), на Факултетот за медицински науки е акредитирана и студиска програма-магистерски студии за Радиофармација, што се изведува на англиски јазик. Од 2014 година, на факултетот се акредитирани и студиски програми за докторски студии за Биомедицина, Невронауки, Дентална Медицина, Општа медицина и Фармација. Од 2014 година, на Факултетот за медицински науки се реализираат и специјализации за дипломирани студенти од Дентална медицина, Фармација и Медицински науки.
Главен фокус на сите вработени на факултетот е обезбедување на квалитетно образование и пренесување на знаењата и искуствата од наставниците на студентите преку интензивни инвестиции со најсовремена опрема целосно се опремени лаборатории за Дентална медицина, Фармација, Забни техничари, Физиотерапија и Оптометрија. На Факултетот функционираат и лаборатории за молекуларна биологија, биоелектрохемија и физиологија, а факултетот располага и со сопствен симулациски центар за студентите од Општа медицина. На факултетот егзистира и Универзитетска стоматолошка клиника, што е една од најсовремените на Балканот. За реализација на клиничката настава, факултетот има склучено договори за соработка со Специјалните болници Филип Втори, Ремедика, Токуда и со Клиничката Болница во Штип, каде студентите ги обавуваат практичните клинички вежби. Во рамките на Факултетот за медицински науки функционира и Центарот за традиционална кинеска медицина.
На факултетот за медицински науки досега се запишани повеќе од 300 странски студенти што доаѓаат од земји од Европската Унија, како Германија, Словенија, Грција, Хрватска, Бугарија и Романија, како и студенти од Србија, Албанија, Црна Гора, Украина и Турција. Преку партнерски институции во Германија, САД, Кина, Италија, Швајцарија, Хрватска, Русија, Португалија, Бугарија, Романија, Турција, Полска, Франција, Ирска и Шведска, на голем број на студенти им е овозможено да реализираат студиски престои и практична обука во институции со светско реноме. Преку органите на Универзитетот Гоце Делчев – Штип и преку проекти за голем дел од студентите се обезбедуваат стипендии со кои се покриваат нивните трошоците за студирање и обука.
Студентите имаат можност да бидат и директно вклучени во научноистражувачката работа уште од почетните години на нивното студирање и имаат можност да бидат и финансиски поддржани за нивната научноистражувачка работа.
На Факултетот за медицински науки при УГД Штип работат врвни стручњаци од областите на гинекологија, хирургијата, ургентната медицина, инфективните болести, микробиологијата, фармацијата, оралната хирургија, денталната медицина, протетиката, биохемијата, молекуларната биологија и хемијата. За студентите и вработените, Факултетот за медицински науки организира голем број на интернационални конференции, симпозиуми, семинари и работилници, каде имаат можност да ги изнесат резултатите од спроведените истражувања и да се запознаат со работата и истражувањата на голем број на светски експерти од областа на медицинските науки.
Сите студенти што ги завршуваат студиите на Факултетот за медицински науки се стекнуваат со неопходни вештини со кои тие се конкурентни здравствени работници на пазарот на труд како во Македонија, така и надвор од границите на Македонија. Декан на Факултетот за медицински науки е проф. д-р Рубин Гулабоски, кој е еден од 10те најцитирани научници од Македонија.